Економија Русија гради гасовод во Македонија?!

Русија гради гасовод во Македонија?!

Компанијата „Стројтрансгас“ на рускиот бизнисмен Генадиј Тимченко почна да гради крак од магистралниот гасовод Клечовце-Неготино во Македонија, во вредност од околу 75 милиони долари, објави рускиот весник „Комерсант“, кој се повикува на извор кој е запознаен со состојбата.

Се работи на првата фаза во должина од 61 километар и со пречник од 508 милиметри, кој ќе овозможи гасот да стигне до Штип.

Рокот на изградбата е нешто повеќе од една година, по што е предвидено гасоводот да се продолжи до термоелектраната во Неготино, со што таа ќе почне да функционира на гас наместо на мазут.

Потоа треба да се изградат уште 60 километри гасовод, кој треба да се поврзе со гасоводниот систем во Грција.

Вредноста е околу 75 милиони долари. Од нив Македонија ќе плати само 15 милиони долари, а останатата сума ќе се компензира со долгот на поранешниот СССР кон Југославија, на кој дел од правата доби и Скопје.