Свет Европа Русија го продолжи притворот за американскиот новинар Еван Гершкович

Русија го продолжи притворот за американскиот новинар Еван Гершкович

Гершкович, новинар на Волстрит журнал, беше уапсен под обвинение за шпионажа во март годинава додека бил на патување за известување во Екатеринбург

Фото: Image by ErikaWittlieb from Pixabay

Рускиот суд му го продолжи притворот на американскиот новинар Еван Гершкович до 30 јануари наредната година, јавува Гласот на Америка на македонски јазик.

Продолжувањето на притворот за два месеци за новинарот беше објавено по неговото сослушување зад затворени врати во вторникот.

Гершкович, новинар на Волстрит журнал, беше уапсен под обвинение за шпионажа во март годинава додека бил на патување за известување во Екатеринбург.

Гершкович и весникот ги отфрлија наводите, а американската влада соопшти дека тој бил неправилно приведен.

Амбасадата на САД во Москва соопшти дека претставници на амбасадата присуствувале на сослушувањето во вторникот.

„Длабоко сме загрижени од одлуката на судот да му го продолжи притворот за уште 2 месеци. Го повторуваме нашиот повик за негово итно ослободување“, објави амбасадата на САД во Москва X, порано познат како Твитер.

Волстрит журнал објави дека Гершкович е „неправедно затворен речиси 250 дена“ и повика на негово итно ослободување.

„Обвинувањата против него се категорично лажни и неговото продолжување во затвор е дрзок и безобразен напад врз слободниот печат, кој е критичен за слободното општество“, пишува весникот.

Русија не објави никаков доказ за поддршка на обвиненијата за шпионирање.