Свет Европа Русија ги заостри мерките против тероризмот

Русија ги заостри мерките против тероризмот

Лицата што ќе бидат осудени за меѓународен тероризам или терористички напади надвор од границите на Русија, ќе бидат осудувани на казна затвор до 20 години или на доживотна робија, стои во пакетот антитерористички закони што го потпиша рускиот претседател Владимир Путин.

Во законот се предвидува затвор до 10 години и парична казна за финансирање екстремистички и терористички активности, додека лицата што повикуваат на извршување терористички напади или јавно ги оправдуваат ќе бидат казнети со еден милион рубли (14.000 евра) или со затворска казна од пет до седум години.

Со новиот закон е додаден и членот „премолчување, односно неинформирање на надлежните органи за планираното злосторство“, а намалена е и старосната граница на лицата кои можат да одговараат за тероризам, која со измените е поставена на 14 години.

Во антитерористичкиот пакет, мобилните оператори се обврзуваат да ги чуваат податоците за разговорите и СМС-пораките на корисниците. Метаподатоците ќе се чуваат до три години, а содржината на повиците и СМС-пораките – шест месеци.