Македонија Резултати од истражување: Како се трошат општинските пари?

Резултати од истражување: Како се трошат општинските пари?

Асоцијацијата за економско истражување, застапување и донесување економски политики „Фајнанс тинк“ – Скопје ги претстави резултатите од проектот „Локален развој или тековна потрошувачка: За која намена се трошат општинските пари?“.
Во ова истражување беа вклучени 15 најголеми општини во Република Македонија, според бројот на жители, и тоа: Куманово, Битола, Тетово, Гостивар, Прилеп, Гази Баба, Аеродром, Чаир, Струга, Карпош, Кисела Вода, Охрид, Велес, Струмица, Штип и Центар.

Во продолжение следуваат резултатите од истражувањето:

Слаби алки на страна на приходите:
• Најголем дел од приходите се генерираат од трансфери и од донации од централниот буџет, што ги прави општините многу зависни од централната власт. Во општините Тетово, Струга, Куманово и Гостивар, овие приходи надминуваат 70 проценти.

Слаби алки на страна на расходите:

• Во најголем број општини, повеќе од 90 отсто од вкупните средства се наменети за финансирање тековни активности.

• Најголем дел од буџетските средства се трошат за плати и за надоместоци. Овие расходи во општините Тетово, Струга и Гостивар надминуваат 65 проценти од вкупните расходи.

• Најголем дел од капиталните расходи се користат за финансирање други градежни објекти. Единствено општина Кисела Вода дава податоци за поткатегориите кои спаѓаат во оваа категорија и тоа: капитални расходи за изградба и за реконструкција на мостови, улици, патишта и за автопати; изградба на капацитети за водоснабдување и за енергетика и подготовка за капитални проекти; изградба на споменици и други објекти. Со оглед дека намената е широка, од патишта до споменици, не може со прецизност да оцениме дали овие капитални расходи би имале долгорочен ефект.

• Единствено општина Центар издвојува повеќе средства за капитални наместо за тековни инвестиции.

• Постои мала свесност за општествена одговорност на општините. Само 1 процент од вкупните расходи се издвојуваат за граѓански организации, а општествено најодговорни се општините Струмица со 4 проценти и Штип со 3 отсто од вкупните расходи.

Слаби алки на страна на транспарентноста:

• Општините Струга воопшто не ги објавува завршните сметки на веб-страницата, додека општина Тетово ги објавува во скратен формат.

• Општина Чаир има веб-страница само на албански јазик, а завршните сметки не се објавени. Но, на лично барање, завршните сметки ни беа доставени.

• Општина Карпош ги објавува само податоците за приходната страна на буџетот.

Овој проект е овозможен со поддршка од Фондација „Метаморфозис“ во партнерство со МЦЕТ и РЕАКТОР, а со финансиска помош од Европската комисија преку програмата „ИПА Цивил сосајети фасилити“ (IPA Civil society facility CSF) 2012-2013.