Македонија Ременски поднесе 13 кривични пријави и иницијатива до Советот на судии

Ременски поднесе 13 кривични пријави и иницијатива до Советот на судии

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска-Ременски, објави дека денеска до Основното јавно обвинителство Скопје и Основните јавни обвинителства во Берово, Гостивар, Кочани, Прилеп, Радовиш, Ресен, Струмица, Штип и во Битола, поднела вкупно 13 кривични пријави.

Дванаесет кривични пријави се за разрешени директори на јавните установи за социјална заштита, а другата кривична пријава е за дополнителниот заменик-министер Диме Спасов.

Ременски поднела и иницијатива до Советот на судии на Република Македонија за покренување постапка за утврдување на одговорност на судиите од Управниот суд кои, според неа, неосновано одлучувале по тужбите и по решенијата за привремените мерки.

Таа појасни дека кривичните пријави се поднесени со докази за основани сомневања за злоупотреба на службена положба и овластувања на дополнителниот заменик-министер, кој со своето постапување надвор од границите на своите законски овластувања, поттикнал самовластие кај разрешените директори, кои спротивно на закон и неповикани презеле дејства за враќање на право за кое тие сметаат дека им припаѓа.

– Ставајќи се над законот и над судот, надвор од сите постапки кои сè уште се водат пред институциите и не произвеле правосилност на одлуките, дополнителниот заменик-министер и разрешените директори постапија спротивно на нивни права и обврски да го почитуваат законот и уште еднаш потврдија дека партиската координација и одлука е поважна и од почитување на законите и институциите на системот – вели Ременски.