Македонија Реформаторите објавија декларација за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ

Реформаторите објавија декларација за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ

Претставниците на иницијативата за демократизација и за модернизација на ВМРО-ДПМНЕ објавија декларација „Европско ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија“, која предвидува осум столбови: одговорно управување, слободен човек и општество, култура на законите, политички дијалог, интеграција во ЕУ и во НАТО, економски развој и претприемништво, развој на образованието и на културата и здрава нација.

– Оваа декларација ги поставува темелите на новата реформирана и подобра ВМРО-ДПМНЕ. Сите понатамошни дејства, програми и конкретни проекти ќе се темелат на принципите содржани во оваа декларација – рече на денешната прес-конференција Александар Михајловски од иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Декларацијата преставува визија на реформаторите за тоа каква ќе биде реформираната ВМРО-ДПМНЕ која, според нив, ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните. Оваа декларација, според Михајловски, покажува колкави се разликите во политиките на актуелното раководство на партијата и политиките што ќе ги спроведува реформираната ВМРО-ДПМНЕ.

– Нивната досегашна политика е политика на изолација, на барање внатрешни и надворешни непријатели, на ширење пропаганда против ЕУ и НАТО, лажен патриотизам и лажни вести во кои се шири параноја и страв кај граѓаните. Ние треба да расчистиме со тие политики бидејќи доколку ВМРО-ДМНЕ не се реформира, никогаш нема да се врати на власт. Ние имаме лидер со одземен пасош, изолиран од меѓународната заедница и човек за кого се водат судски постапки. Со кој капацитет тој ќе ја води ВМРО-ДПМНЕ во иднина, како ќе настапи на локални избори со таков багаж? – додаде Михајловски.