Ctrl - Z Re: store, центарот за рестилизирање на стара облека, повторно се отвора во...

Re: store, центарот за рестилизирање на стара облека, повторно се отвора во Лабораториум

Отворањето ќе биде во среда, а Re: store ќе работи од вторник до сабота од 12 до 18 часот

Re: store, центарот за рестилизирање на стари модни парчиња повторно ќе се отвори на 16 октомври (среда) во Културно едукативниот центар „Лабораториум“, во рамки на просториите „Лаб дизајн маркет“. Ќе работи од вторник до сабота од 12 до 18 часот.

„Денес, во средина каде доминира „fast fashion“ или брза мода, Re: store повторно нуди алтернатива која во исто време е стилска и одржлива. Како надополнување на “Лаб дизајн маркетот“, Re: store ќе работи во насока да придонесе свесност во консумирањето поткрепено со верувањето дека модата треба да биде начин на изразување, а не придонес за формирање депонии“, велат од „Лабораториум“.

Re: store ја започна својата приказна во 2012 година, со цел да го промовира концептот на продажба на употребена облека, да биде креативен простор за редизајнирање на дизајнерска облека, како и да понуди платформа за младите македонски дизајнери.

Од Лабораториум истакнуваат дека со купувањето на облека од втора рака, се намалува побарувачката за ново производство, промовирајќи ја т.н. „бавна мода“.

Фото: Лабораториум