Македонија Работните групи на билатерални договори, заедничката средба поместена за 15 часот

Работните групи на билатерални договори, заедничката средба поместена за 15 часот

Заедничката средба на работните групи на партиите потписнички на Договорот од Пржино е одложена за 15 часот затоа што сè уште траат билатералните средби на политичките партии, им рече на новинарите пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.

Работните групи имаат одделни средби со европскиот олеснувач Питер ван Хојте, по што ќе одржат заедничка средба во Клубот на пратеници на која треба да се договорат за изборот и за начинот на одлучување на државната изборна комисија и гласањето на дијаспората.

Oлеснувачот Питер ван Хојте на средбата треба да достави нацрт-предлог на изборниот закон кој ќе го презентира пред претставниците на политичките партии.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека дијаспората треба да гласа како на претходните парламентарни избори, а СДСМ, пак, е за гласање на дијаспората, но нивниот глас да биде еднаков со гласот на граѓаните во Македонија. ДУИ и ДПА, пак, се согласни дијаспората да не гласа.