Култура Првиот концерт на Националниот џез оркестар следната недела во НОБ

Првиот концерт на Националниот џез оркестар следната недела во НОБ

Концертот ќе претставува свечено отворање на новоформираната институција, која е наследник на биг бендот на Здружението на џез музичари

Фото: Национален џез оркестар

Новоформираниот Национален џез оркестар ќе го отсвири својот прв концерт, насловен Jazz Nova на 23 јануари во Националната опера и балет. На концертот ќе може да се чујат биг бенд композиции на истакнати македонски џез автори од повеќе генерации.

Со концертот свечено ќе се одбележи започнувањето со работата на Националниот џез оркестар.

Националниот џез оркестар е наследник на Биг бенд оркестарот на Здружението на џез музичари. Истиот беше препознаен и изгласан како национална установа претходната година.

Од оркестарот најавуваат дека во месеците кои следат ќе подготвуваат внимателно избран репертоар кој ги следи актуелните трендови од светот на џезот, но и кој ќе вклучува изведби на џез класици од домашната, регионалната и светската џез сцена, и гостувања на еминентни музички имиња.

Оркестарот ѝ стана познат во јавноста откако тој неуспешно се обиде да се „вдоми“ во Филхармонијата. Откако членовите на Филхармонијата јасно се изјаснија оти не сакаат да го делат својот простор со џез музичарите, оркестарот најави дека ќе вежба во Националната опера и балет, додека не се изгради Домот на НУ Џез оркестар.