Македонија Протестен марш: Нема правда без оставка на Груевски

Протестен марш: Нема правда без оставка на Груевски

Стотици граѓани, активисти и членови на опозициските партии вечерва одржаа протестен марш низ улиците на Скопје.

Од „Кампот на слободата“ пред Владата, движејќи се низ булеварот Илинден, улиците Рузвелтова и Орце Николов, граѓаните скандираа „оставка“, „лопови“ и „Никола оди си“.

– Оставка! Тоа е сè што бараме. Нема правда во Македонија без оставка на Груевски. Нема шанса да не се исполнат барањата. Ова може да биде незадоволство поради тоа што Европската унија и понатаму ги влече нозете, наместо да изврши притисок и Македонија да се ослободи од ова малтретирање – изјави Владимир Милчин, кој беше дел од протестот.

Ова е 18. ден откако граѓаните поставија камп пред објектот на Владата, барајќи оставки од целата Влада на чело со премиерот, како и одговорност за наводните коруптивни дејства на челниците на власта. Граѓаните велат дека ќе кампуваат и ќе протестираат сè додека не се исполнат во целост нивните барања.