Дописници Протест во Теарце поради дислокација на Управата за водење матични книги

Протест во Теарце поради дислокација на Управата за водење матични книги

Околу стотина  жители од Теарце, Пршовце, Глоџи и од Одри попладнево мирно протестираа поради одлуката за дислокација на Управата за водење матични книги од Теарце во Непроштено.

– Тука, во Теарце, има пошта и заедно со околните села, во овој крај живеат повеќе од 20.000 жители, тука е и општинската зграда. Во Непроштено нема пошта, а без ова претпријатие во управата не може да се заврши никаква работа. Исто така, селото брои многу помал број жители од Теарце. Ако се дилоцира управата во Непроштено, ќе се изложиме и дополнително на патни трошоци. Тука управата фунционира повеќе од 70 години и нема да дозволиме нејзино преселување –  велат од месната заедница од Теарце.

Од тетовското подрачно одделение на Министерството за правда, изјавија дека во тетовскиот регион постојат 18 управи за водење матични книги. За да ги намалат трошоците, одлучиле да ја намалат бројката на управи во овој регион. Од одделението велат дека во иднина нема да има потреба да функционираат голем број посебни управи, затоа што наскоро се очекува да се воведе електронски систем за вадење документи.

Ваков сличен протест имаа и жителите од општина Јегуновце минатиот викенд, откако дознаа дека и Управата за водење матични во Вратница, исто така, ќе се дислоцира во Непроштено. Оттаму истакнаа дека со дислокацијата можно е да се упропасти архивата и документите на управата.