Македонија Протест на роднините на осудените во „Детонатор“

Протест на роднините на осудените во „Детонатор“

Роднините на осудените во случајот „Детонатор“ денеска излегоа на протест и два часа го блокираа патниот правец Кочани – Виница, јави дописникот на „Мета“ од Штип.

Тие изјавија дека во случајот се осудени невини луѓе и обвинија дека „судските одлуки биле донесени од страв или под притисок“.

– Нашите најмили се жртви на еден криминалец и нема да се откажеме од борбата за правда, која ќе ја бараме од судот за човекови права во Стразбур. Ќе се бориме до смрт правдата да ги стигне сите нарачатели на оваа драмолетка. Знаеме сè и не се плашиме да ја обелодениме вистината – велат луѓето што протестираа.

Роднините бараат од Врховниот суд да донесе ослободителна пресуда бидејќи вината на осудените не била докажана во текот на судскиот процес.

Во случајот „Детонатор“, кој почна со полициска акција пред неполни три години, на 15 лица од Кочани и од Виница им се судеше за кривичните дела убиство во обид, насилство, измама, лихварство и недозволено поседување оружје.

Кривичниот суд во Скопје, во декември 2013 година, двајца од обвинетите, кои се во бегство, ги осуди на казна доживотен затвор, додека останатите 13 обвинети добија затворски казни од една и пол година до 15 години.

По поднесената жалба, неодамна Апелацискиот суд Скопје одлучуваше само за делото измама, но не и за остантите дела за кои е осудена групата.

В.К.