Македонија Пронајдена опрема за пресување и за пакување дрога

Пронајдена опрема за пресување и за пакување дрога

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал по претходно подготвен план за преземање активности во врска со сознание за недозволена трговија со дрога, изврши претреси на две локации на подрачјето на Гостивар и на Маврово. При претресите запленети се калапи и друга погодна опрема за пресување наркотична дрога, 434 куршуми со калибар 7,62 милиметри за автоматска пушка, како и 227 куршуми калибар 9 милиметри за пиштол и еден пиштол марка „берета“.

По сознание дека лицето Б.О. (48) од Гостивар е инволвирано во недозволена трговија со дрога, по наредба на судија на претходна постапка, од страна на полициски службеници извршени се претреси на дом и на други простории, сопственост на осомничениот во Гостивар, како и во викенд-куќа во село Леуново – Маврово сопственост на Б.О.

Од извршените претреси на горенаведените локации, во викенд-куќата во село Леуново пронајдени се куршуми, патрони и метални направи.

По извршениот претрес во домот на Б.О. во Гостивар, пронајдени се еден пиштол марка „берета“ со дозвола, една рамка со 15 куршуми калибар 9 милиметри, една рамка со 14 куршуми калибар 9 илиметри и 4 пакувања со 198 куршуми калибар 9 милиметри за пиштол. Иако за пиштолот марка „берета“ Б.О. поседувал соодветна дозвола, поради сторените кривични дела, ќе биде спроведена управна постапка за одземање на оружјето.