Македонија Притвор за таткото кој до смрт ја претепа двегодишната ќерка

Притвор за таткото кој до смрт ја претепа двегодишната ќерка

Ф.Д. (29) ќе биде во битолскиот затвор откако обвинителството вчера отвори истрага за кривично дело убиство

Фото: Pixabay.com

Таткото од Кичево кој се сомничи дека до смрт ја претепал својата двегодишна ќерка доби 30-дневен притвор, информираше МВР. Тој ќе биде во битолскиот затвор откако обвинителството вчера отвори истрага за кривично дело убиство.

Според истражните органи, Ф.Д. (29) на 18 декември крвнички ја претепал својата двегодишна ќерка, која по 21 ден борба за живот, починала на скопската клиника.

„Осомничениот на 18 декември, при вршење семејно насилство, ја лишил од живот сопствената ќерка родена 2022 година. Тој ѝ нанел повеќе удари со раце и нозе, предизвикувајќи и тешки телесни повреди – скршена коска на черепот, крварење во мозокот и скршеници на две ребра. Од здобиените повреди детето починало на 8 јануари, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје“. Јавниот обвинител до судијата на пртетходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице“, информираат од Јавното обвинителство.

Вчера и од Министерството за здравство информираа дека на 19 декември, во Ургентниот центар во општата болница Кичево во коматозна состојба било примено двегодишнотото девојче.

„Девојчето, првично во болницата во Кичево е донесено од нејзината мајка. Поради критичната состојба малата пациентка е препратена на Ургентен хируршки центар во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, а потоа префрлена на Универзитетската Клиника за неврохиргија. И покрај сите заложби на лекарите, за жал девојчето подлегна на тешките телесни повреди на 08.01.2024 година. Здравствените институции каде беше примена и третирана пациентката, целосната документација за хоспитализацијата и третманот, ја предадоа на надлежните истражни органи“, информираа од министерството.

Извори на Мета.мк потврдија дека семејството имало седум деца, а таткото бил зависник од наркотични средства.