Македонија Притвор за лице кое лажно се претставувало како вработен во АНБ и...

Притвор за лице кое лажно се претставувало како вработен во АНБ и изнудило 180 илјади евра

Тој во периодот од 14.12.2023 до 05.04.2024 година, лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани присилил едно лице да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра

Фото: Мета.мк

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторил кривичните дела изнуда и лажно претставување.

Според обвинителството, тој во периодот од 14.12.2023 до 05.04.2024 година, лажно се претставувал како службено лице – вработен во Агенцијата за национална безбедност и со сериозни закани присилил едно лице да му даде пари, накит, автомобили и други добра во вкупен износ од околу 180.000 евра.

„Претставувајќи се како вработен во АНБ и посредник за исплата на долг, осомничениот на оштетениот 54-годишник, управител на фирма, му вршел притисоци со закани за неговиот и животот на неговото семејство, па во повеќе наврати му земал парични средства, три автомобили, два мобилни телефони, златни прстени и друг накит“, велат од обвинителството.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и веројатност да ги повтори делата. Судијата го прифатил предлогот и определил притвор од 30 дена.