Македонија Притвор за 24-годишник од Кочани, кој со нож избодел лице кое му...

Притвор за 24-годишник од Кочани, кој со нож избодел лице кое му продавало телефон

Осомничениот и оштетениот се договориле да се сретнат да паркинг за купопродажба на телефон. Осомничениот влегол во возилото на оштетениот и почнал да го боде со нож

Фото: David von Diemar on Unsplash

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишник од Кочани кој избодел човек во своето возило.

Во петокот, осомничениот и оштетениот се договориле да се најдат на паркинг простор кај Споменикот на слободата во Кочани заради купопродажба на мобилен телефон.

На паркингот, осомничениот влегол во возилото на оштетениот. Седнал на совозачкото седиште и го разгледувал телефонот кој сакал да го купи.

„По кратко време, од џебот извадил нож и му задал удар во витален дел од телото во пределот на главата и вратот под брадата, нанесувајќи му отворена рана од околу 2-3 см. Ножот се скршил, а осомничениот продолжил со дршката уште неколку пати да го удира оштетениот. Нападнатиот му ја фатил раката и го спречил, по што осомничениот се извлекол од возилото и со трчање побегнал од местото на настанот“, стои во соопштението на ОЈО Кочани.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кочани поднесе предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците и да ја попречува кривичната постапка, но и реална закана да го повтори или да го доврши обиденото кривично дело.

Судот ја прифати основаноста на предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

Според ОЈО Кочани, постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство според член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.