Македонија Прилепскиот суд ги отфрли сите 7 обвиненија против адвокатот Жарко Стеваноски

Прилепскиот суд ги отфрли сите 7 обвиненија против адвокатот Жарко Стеваноски

Основниот суд Прилеп ги отфрли последните три обвиненија кои против еден од водачите на „Шарената револуција“ во Прилеп, Жарко Стеваноски, ги поднесе СВР Битола, односно Полициска станица  Прилеп. Со тоа, прилепскиот адвокат е ослободен од сите седум поднесени обвиненија за наводно загрозување на безбедноста во сообраќајот за време на одржувањето на минатогодишните граѓански протести, пишува „Публикум“.

Коментирајќи ги пресудите, Стеваноски вели дека тие се доказ за непрофесионалноста и некадарноста на МВР, кое во изминатиот период, преку различни форми, врши континуиран притисок врз него.

– На ваков начин алатката за спроведување реваншизам против неистомислениците на локалната власт, а тоа е МВР, не само што докажа и покажа непрофесионалност и некадарност, туку директно предизвика штета по буџетот на РМ, на чиј товар паднаа трошоците за постапките, а кои надминуваат значителен износ. Покрај ваквите обиди, МВР низ сиот овој период врши притисоци изразени во други форми, со кои преку разобличување на незаконитото постапување и барање одговорност од службените лица од ПС Прилеп, се справувам на соодветен начин – вели Стеваноски.