Дописници Прифатени забелешките на еколозите за заштита на Студенчишко блато

Прифатени забелешките на еколозите за заштита на Студенчишко блато

Еколошките здруженија од Охрид и од Скопје конечно се задоволни од третманот на надлежните во однос на нивните апели во битката за заштита на Студенчишко блато како жив природен резерват.

Конечно и Министерството за животна средина и просторно планирање се приклучува кон заштитата на Охрид. Ресорниот министер неодамна најави негово прогласување за споменик на природата.

– Нареден чекор е елаборат за заштита на животната средина за Студенчишко блато и негово прогласување за споменик на природата во границите определени со Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина (СОВЖС), односно 77 хектари, а не 4,9 хектари како што се изгласа на седницата на Совет на Општина Охрид од 27 март годинава. Можеби ова е само мала извојувана битка, но за нас значи многу и ни дава сила да продолжиме понатаму, до крај, додека Студенчишко блато, а со тоа и Охридско Езеро, не биде трајно и целосно заштитено – информираат од „Охрид СОС“.

И од Здружението за заштита на животни и на животна средина „Еден“ од Скопје, информираат дека Општина Охрид ги прифати сите нивни коментари доставени за заштита на Студенчишко блато, а во врска со извештајот за СОВЖС. Истите се прифатени и инкорпорирани во неговата финална верзија.

Истовремено, во финалниот извештај за СОВЖС е даден одговор на нивните забелешки и истиот е доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), од каде е добиено позитивно мислење.