Македонија Презентирана нацрт Национална стратегија и акциски план против сајбер криминал

Презентирана нацрт Национална стратегија и акциски план против сајбер криминал

Првиот човек на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев истакна дека сaјбер безбедноста е еден од несомнените приоритети во институционалното делување, особено на институциите како што е МВР

Фото: Министерство за внатрешни работи

Денес беше презентирана нацрт Национална стратегија и акциски план против сајбер криминал во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото – Компонента 2“ што се одржа во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Како никогаш претходно, сајбер безбедноста денес, а така ќе биде и во иднина, е еден од несомнените приоритети во институционалното делување, особено на институциите како што е МВР“, кажа првиот човек на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев во своето обраќање.

Директорот Јанев оценувајќи ја како суштинска важноста на нацрт документот, особено го истакна и се заблагодари на учеството и соработката на експертскиот тим од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото – Компонента 2“, како уште еден практичен пример за партнерството и поддршката што нашите институции ги добиваат од ЕУ.

„Ние живееме во време кога технологијата игра клучна улога во речиси секој аспект на животот. И иако сето тоа нуди невидени можности, истовремено создава и нови предизвици, при што сајбер криминалот е еден од најкомплексните и најраспространетите“, нагласи директорот Јанев.

Потенцирајќи дека токму заради тоа „денешниот исклучително компетентен форум претставува значаен чекор во нашите напори, заеднички со нашите партнери од ЕУ, за воспоставување на Националната стратегија и Акциски план за сајбер криминал, што ќе послужат како конкретен патоказ за зајакнување на капацитетите на нашата земја против оваа постојано растечка закана“.