Македонија Претседателот Иванов им го честита Велигден на католиците

Претседателот Иванов им го честита Велигден на католиците

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Велигден, упати честитка до бискупот, скопски и апостолски егзарх, Киро Стојанов, и до сите католички верници.

„Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија да Ви го честитам христијанскиот празник Велигден.
На овој ден сите христијани се присетуваат на пораката испратена со Христовото жртвување за спас на човештвото. На Велигден се разгласува веста за Христовото воскресение, која е радост, утеха и поука за верниците. Нема поголема радост од онаа кога се празнува животот.
На овој ден споменуваме за победата на животот над смртта. Христовата жртва нека биде благослов и мотив за да ја шириме пораката за човечноста, мирот, разбирањето и на заедништвото“, се вели во честитката испратена од претседателот Иванов.