Свет Балкан Претепан снимател на „Анадолија“ во Белград

Претепан снимател на „Анадолија“ во Белград

Снимател на турската новинска агенција „Анадолија“, Нихад Ибрахимкадич, рано утринава беше повреден при напад во близина на железничката станица во Белград. Снимателот е префрлен на одделението за интензивна нега во Воено-медицинската академија.

Како што наведе агенцијата „Анадолија“, непознатите напаѓачи го нападнале Ибрахимкадич од зад грб, а за време на нападот не зборувале ништо и не зеле никакви вредни предмети.

Ибрахимкадич добил тешки телесни повреди.

Снимателот е нападнат по неговото враќање од Босна и Херцеговина, каде што бил на новогодишно отсуство. Агенцијата „Анадолија“ го осуди нападот на нејзиниот вработен и ги повика сите надлежни служби во Србија што побргу да го расчистат случајот.