Македонија Премиерот упати честитка по повод рамазанските пости

Премиерот упати честитка по повод рамазанските пости

Премирот Никола Груевски упати честитка до поглаварот на Исламската заедница во Република Македонија, реис ул улема, хаџи Сулејман ефенди Реџепи, по повод почетокот на рамазанските пости.

„Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од моето лично име и од името на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам почнувањето на рамазанските пости.
Светиот месец Рамазан и почетокот на рамазанските пости, и вашата посветеност кон празнувањето, нека ви донесат мир во душата, разбирање, толеранција, проштевање и хармонија. Доаѓањето на големите верски празници отсекогаш носело спокој и насочување кон вредностите. Молитвата, добрата мисла и добрите дела нека бидат водилка кон многу радост и среќа во семејствата на верниците и севкупно во Република Македонија, и нека ја шират соработката и почитта кон Вашите блиски, соседите, пријателите и сограѓаните.
Соживотот на разните религии и нации кои живеат во нашата земја, да придонесат и понатаму со заеднички сили да работиме за економски развој на земјата и подобар стандард на граѓаните, за повеќе можности за културен, образовен и сеопшт напредок, и за достигнување на европските и евроатлантски стандарди, за понатамошна изградба на силна и напредна Република Македонија.
Испраќајќи Ви најискрени честитки, Ви посакувам радосни празнични денови“, се вели во честитката упатена од премиерот.