Економија Прехранбениот сектор, клучен за соработката со унгарските компании

Прехранбениот сектор, клучен за соработката со унгарските компании

Можности за подобрување на трговската размена меѓу Македонија и Унгарија постои во делот на конфекционирање животински отпад, осигурување на земјоделството од природни непогоди, системи за наводнување, во семенарството, рибарството, како и во делот на примарното сточарство (живинарство, говедарство и свињарство), бидејќи во сите овие области Унгарија е меѓу  водечките земји во ЕУ.

Ова беше истакнато на Македонско-унгарскиот деловен форум што се одржа во Стопанската комора на Македонија.

– Само со добра инфраструктура и со изградба на брза пруга која би одела од Грција преку Македонија до Србија и до Унгарија, ќе се намалат трошоците на транспортните услуги и ќе се интензивира извозот во повеќе сектори, особено во прехранбениот сектор, кој претставува клучен фактор за зголемување на соработката меѓу македонските и унгарските компании – истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Амбасадорот на Унгарија во Македонија, Јожеф Бенце, најави дека на претстојниот „Агрофуд“ на Скопски саем, ќе учествуваат повеќе унгарски компании, а ги повика македонските деловни луѓе од овој сектор масовно да го посетат и Саемот за земјоделство и храна што во септември се одржува во Будимпешта.

На оваа средба во Комората беше претставена и  Унгарската национална трговска куќа во Скопје, чија улога е поврзување на малите и на средните претпријатија од Македонија и од Унгарија и која во моментов има околу 3000 фирми-членки.

Исто така, беа претставени и можностите за набавка на опрема и на нови технологии и трансфер на знаења од земјоделско-прехранбената дејност од Унгарија, настап на саемски манифестации во Унгарија, како и заедничко аплицирање на компании од двете земји на проекти од програмата на ЕУ, „Хоризонт 2020“.