Македонија Предлог за притвор за турска државјанка – фрлала столици по обезбедувањето на...

Предлог за притвор за турска државјанка – фрлала столици по обезбедувањето на скопскиот аеродром

Странската државјанка, вчера, на 8 април пристигнала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Истанбул, но при пасошка контрола било констатирано дека не исполнува општи услови за влез во државата

Фото: Порталб.мк

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднел предлог за определување мерка притвор против 36-годишна државјанка на Република Турција против која е поведена постапка за кривично дело – Напад врз службено лице, соопшти обвинителството.

Странската државјанка, вчера, на 8 април пристигнала на Меѓународниот аеродром Скопје со лет од Истанбул, но при пасошка контрола било констатирано дека не исполнува општи услови за влез во државата.

„Полициски службеници ја упатиле во меѓузоната на аеродромот за да го чека следниот лет за враќање во Истанбул. Меѓутоа, таа станала агресивна, започнала да се заканува на аеродромското обезбедување, фрлала со столици, по што неколку полициски службеници морале да интервенираат“, информираат од Јавното обвинителство.

Осомничената турска државјанка продолжила и нив да им се заканува и да ги навредува, а еден полицаец физички го нападнала и го удрила.

Предлогот за определување мерка притвор е поднесен поради опасност од бегство, велат од обвинителството.