Дописници Познато кој ја загадува Битола

Познато кој ја загадува Битола

Во Битола стигнаа резултатите од двонеделното мерење на квалитетот на воздухот во центарот на градот, што на своја иницијатива го направи здружението„За нас се работи“. Анализите на воздухот се изработуваа во референтна лабораторија во Белград, Србија, а мерењето го вршеше мобилна мерна станица на „Фармахем“ од Скопје. Поради сериозноста на темата и ситуацијата во Битола со квалитетот на амбиенталниот воздух, резултатите ќе ги чита стручно лице од лабораторијата на „Фармахем“, потврдуваат од здружението. Резултатите на битолчани ќе им бидат соопштени веќе следната недела.

– Резултатите од мерењто на квалитетот на воздухот во центарот на градот на 28 јануари пристигнаа во Битола. Значи, ние ги имаме в раце, но поради серизноста на ситуацијата и на самиот проблем, тие резулатити пред битолската и македонската јавност ќе ги прочита стручно лице од лабораториите каде се изработуваа анализите. Значи, за еден-два дена битолчани ќе имаат јасна слика кој е примарниот или примарните загадувачи на воздухот во градот и кој е, всушност, хемискиот состав на опасните ПМ10-честички – вели Горан Пинза, еден од основачите на здружението „За нас се работи“.

Веднаш по поставувањето на мобилната мерна станица од страна на здружението, Министерството за животна средина, по две и пол години, ја поправи мерната станица Битола 2, која го мери квалитетот на воздухот и хемискиот состав на ПМ10-честичките во строгиот центар на градот. Битолчани се сведоци дека речиси секој ден вредностите на ПМ10-честички во воздухот кој го дишат се неколкукратно повисоки од дозволените граници.

А.Б.