Македонија Повторно оштетен верски објект во Крива Паланка

Повторно оштетен верски објект во Крива Паланка

Вчера, на улицата 11 Октомври во Крива Паланка, во објект за вршење верски обреди, непознат сторител оштетил едно од прозорските стакла, соопшти полицијата.

Оттаму информираат дека екипа од полициската станица во Крива Паланка, извршила увид на местото и работи на целосно расчистување на случајот.

Пред десетина дена, поточно на 6 ноември, по протестот против градење џамија во Крива Паланка и „исламизација на градот“, демолирана беше приватна куќа, на улицата Св. Јоаким Осоговски, наменета за верски обреди, за што СВР Куманово покрена постапка за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.

Исламската верска заедница и муфтиството во Куманово, под чија надлежност припаѓа и градот Крива Паланка, тогаш го осудија чинот и побараа од надлежните органи бргу да се пронајдат сторителите. Тие, исто така, го осудија чинот на ширење верска нетолеранција, што ги поткопува меѓуетничките односи во Македонија.