Хроника Повредениот работник кај Марков манастир во стабилна состојба

Повредениот работник кај Марков манастир во стабилна состојба

Работникот е хоспитализиран на КАРИЛ

Градежниот работник кој вчера беше тешко повреден во близина на Марков манастир, се наоѓа во стабила состојба и е хоспитализиран на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

– Пациентот е сè уште на интензивна нега на КАРИЛ и ќе остане на клиниката, бидејќи има претрпено тешка повреда и му е ампутирана ногата. Неговата здравстевна состојба е стабилна, контактибилен е, но поради претпазливост ќе биде задржан на натамошно лекување – информираат од ургентниот центар.

Нерсеќата се случила вчера попладне, додека педесет и едногодишниот работник со бушалка ископувал земја во близина на Марков манастир. Работникот, во засега неутврдени околности, си ја зафатил ногата со бушалката, по што следувала вистинска спасувачка драма.

Екипата на Итна помош, која интервенирала, побарала дополнителна помош, и за кратко време на местото пристигнал тим на лекари. Анестезиолог успеал да го одржи работникот во живот, пред да биде пренесен во Клиничкиот центар.

Слаѓана Андоновска, раководител на секторот за безбедност при работа при Трудовата инспекција, за „Мета“ изјави дека од нивна страна бил извршен увид и дека во тек е прибирање на потребната докуменатција за утврдување на околностите и на причините за несреќата.