Македонија Повозрасна планинарка починала на падините на Шар Планина, била пријавена за исчезната

Повозрасна планинарка починала на падините на Шар Планина, била пријавена за исчезната

Седумдесет и двегодишната планинарка била пријавена како исчезната вчера напладне, утрово била пронајдена од спасувачка екипа која вклучува ренџери од НП „Шар Планина“, специјалци од МВР, како и полициски службеници од ПС Теарце

Фото: Фисник Џелили/Порталб.мк

Седумдесет и двегодишна планинарка, која вчера била пријавена за исчезната, утрово е пронајдена без знаци на живот кај месноста Ружин Камен на Шар Планина, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Откако вчера напладне била пријавена планинарката како исчезната во реонот на с. Љуботен на Шар Планина, беш организирана потрага, која продолжи утрово. Во потрагата биле вклучени ренџери од НП „Шар Планина“ заедно со нивниот директор, 12 специјалци од МВР, како и 5 полициски службеници од ПС Теарце.

НП „Шар Планина“ извести дека денеска во 07.30 часот била пронајдена жената во месноста „Ружен Камен“, но без знаци на живот. Во извлекување на настраданата жена помогнал алпинистот Надир Мурсели, којшто често помага при вакви случаи на тежок и непристапен терен на Шар Планина.

ЦУК соопшти дека увид на местото ќе изврши екипа од СВР Тетово, а известен е и Јавен обвинител за случајот.

Инаку, ЦУК исто така соопшти дека лице кое пливало во Дојранското езеро при лоши временски услови успешно било спасено. Се формирало спасувачка екипа, откако се побарало помош за лицето. Лицето успешно испливало до брегот во близина на грчката граница. Оттаму бил земен од страна на службеници на МВР и е надвор од животна опасност.