Економија Потпишан договор – „Турски тек“ стартува на крајот од 2016 година

Потпишан договор – „Турски тек“ стартува на крајот од 2016 година

Гасоводот „Турски тек“ ќе стане оперативен во декември 2016 година, соопшти директорот на „Газпром“, Алексеј Милер, за агенцијата „РИА Новости“.

– Договор (меѓу Русија и Турција) е постигнат за цената и за почетокот на испораката преку „Турски тек“ да почне во декември 2016 година – рече Милер.

Договорот го потпишале Милер и турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Танер Јилдиз, за време на нивната средба во вторникот.

Изградбата на гасоводот беше договорена во декември 2014 година, за време на средбата на лидерите на Русија и на Турција. Гасоводот, со годишен капацитет од 63 милијарди кубни метри, треба да го замени „Јужен тек“, кој беше суспендиран поради несогласувањата меѓу ЕУ и Русија.

„Раша тудеј“ пишува дека гасоводот ќе тргне од Русија, ќе транзитира преку Турција, а ќе запре на грчката граница, давајќи и пристап на Русија до јужноевропскиот пазар.