Македонија Полагајте, се снима!

Полагајте, се снима!

Утре МВР ќе го спроведе првото снимање и пренесување во живо на полагање стручен испит кој е во надлежност на министерството, информираат оттаму.

Станува збор за полагање стручен испит за добивање лиценца за физичко и техничко обезбедување, а снимањето и пренесувањето на испитот во живо, како што велат од МВР, е заради поголема транспаретност при спроведувањето на стручните испити.

– Изминатиов период во соработка со Комората за обезбедување беа реализирани сите неопходни технички подготовки и беше договорено кандидатите кои денеска ќе го полагаат теоретскиот дел, испитувањето на нивното знаење да биде во согласност со последните измени во Законот за приватно обезбедување – стои во соопштението од МВР.

Во членот кој ја прошишува оваа новина стои дека „Теоретскиот дел од стручните испити за физичко и за техничко обезбедување се полага во просторија за полагање испит определена од страна на Комората, која е посебно опремена за полагање стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет-врска и опрема за снимање на полагањето. Полагањето на стручните испити се снима и во живо се емитува на веб-страницата на Министерството, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб-страницата на Министерството“.

Испитот за лиценца за обезбедување е закажан за утре во 16 часот, а ќе се пренесува на веб-страницата на МВР, mvr.gov.mk.

Снимање и пренесување во живо е предвидено и со измените на законот за високо образование, односно за државниот испит, потоа во новиот закон за безбедност во патниот сообраќај, каде, исто така, ќе се снимаат и пренесуваат во живо полагањето на теоретскиот и на практичниот дел од испитот за возачка дозвола. Истото е предвидено и со измените во законот за оружје при добивање дозвола за носење оружје.