Дописници Подготовки за подигнување на безбедноста во сообраќајот во пресрет на летната туристичка...

Подготовки за подигнување на безбедноста во сообраќајот во пресрет на летната туристичка сезона

Покрај доследната примена на законската одредба за задолжително носење заштитен шлем при управување со мотоцикл, неопходно е да се носи заштитна кацига и при управување со велосипед. Тоа што сè уште нема законска одредба, иако се предложени измени, не ја намалува потребата, особено во летните месеци и во екот на главната туристичка сезона.

Ваков заклучок произлезе од координативен состанок на СВР од Охрид и на Советот за безбедност на сообраќајот, со претставниците на охридските велосипедски и мото-клубови како ранлива категорија учесници во сообраќајот.

Состанокот е одржан во пресрет на туристичка сезона, кога СВР од Охрид планира ефективни, пред сè превентивни мерки за подигнување на сообраќајната безбедносна култура и почитување на законските одредби од Законот за безбедност во патниот сообраќај.

Заштитниот шлем и рефлектирачката опрема значително ќе ја зголемат безбедноста на велосипедистите, што ќе придонесе за безбеден развој на велосипедскиот сообраќај во градот. Во таа насока, претставниците на велосипедските клубови побараа збогатување на велосипедската инфрастуктура за подобрување на условите за возење велосипед, што ќе води кон развој на урбаниот велосипедизам.

– Од состанокот произлезе идејата за оформување заеднички патроли од полициски службеници, мотоциклисти и од велосипедисти, а особено беше истакната потребата од превентивни кампањи за подигнување на сообраќајната едукација не само на оваа категорија, туку и на сите учесници во сообраќајот – нагласи претседателот на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот, Стефан Димоски.