Македонија Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на протест пред судот поради обвиненијата на СЈО

Поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ излегоа на протест пред судот поради обвиненијата на СЈО

Неколку стотини граѓани – поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва излегоа на протест пред Основниот суд Скопје 1, каде се одлучува по барањата на Специјалното јавно обвинителство за притвор и за мерки за претпазливост против високи функционери на партијата, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Насобраните граѓани, како што пренесуваат медиумите, се пред Кривичниот суд на протест против обвиненијата што денеска ги поднесе СЈО. Булеварот пред зградата на судот е блокиран, а насобраните граѓани извикуваат „Македонија“ и „Нема да ви помине“, јавува „Радио Слободна Европа“. Пред судот има голем број полицајци.

Претходно денеска, Никола Груевски на прес-конференција во партиското седиште рече дека ВМРО-ДПМНЕ била нападната и дека завршила нивната конструктивност.

– Ако мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го преспие ова, длабоко се излажале. Сакам да објавам дека конструктивноста кои некои ја нарекуваа попустливост во нашето дејствување завршува денеска. Сега е време историја да оценува и да суди – рече Груевски.

Специјалното јавно обвинителство денеска поднесе 17 обвиненија против 94 физички и седум правни лица. СЈО побара и да им биде одредена мерка притвор на Груевски, на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, на поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа-Милевски и на уште 13 други лица.

Кривичниот суд доцна попладнево соопшти дека ги примиле сите обвиненија на СЈО и дека ги распределиле кај судии. Оттаму најавија дека по барањата за определување на мерки за претпазливост и на мерка притвор ќе одлучуваат судии од кривичните совети во текот на денешиот и утрешниот ден.