Свет Европа Почна заседанието на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Почна заседанието на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Парламентарното собрание на Советот на Европа го почнува редовното есенско заседание во Стразбур, на кое ќе се расправа за ситуацијата во Турција по неуспешниот воен удар и политичките последици од кризата во Украина.

На заседанието, кое ќе трае до 14 октомври, пред пратениците од 47 земји-членки на Советот на Европа, ќе се обрати францускиот претседател, Франсоа Оланд, германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајмаер, и шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, исто така ќе се обрати пред пратениците во Стразбур.

Пратениците ќе расправаат и за правата на децата, лекциите научени по аферата „Панама пејпрс“, за да се обезбеди подобра фискална и социјална правда, како и соработка со Меѓународниот кривичен суд.

На отворањето на заседанието ќе биде доделена и наградата „Вацлав Хавел“, која се доделува секоја година за особен придонес во зачувување и во промоција на човековите права.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, ќе одговара на пратенички прашања.