Култура Почнува „Галичка свадба 2017“, младенците се запознале во Галичник

Почнува „Галичка свадба 2017“, младенците се запознале во Галичник

Скопјаните Тања Чаловска и Бошко Лепчески, обајцата со потекло од Галичник, се младенците на „Галичка свадба 2017“ која ќе се одржува овој викенд. Триесет и едногодишниот правник и 28-годишната економистка се запознале пред седум години токму во Галичник, каде што утре ќе бидат и венчани во црквата „Св. Петар и Павле“.

По подолго време се случува на Галичка свадба двајцата младенци да имаат потекло од Галичник. Чаловска на свадбата ќе носи носија која е семејно наследство и е стара еден век, а необлечена повеќе од 50 години. Носијата сосе историски вредниот накит што ќе ги носи тежат околу 25 килограми.

Свадбата ќе почне вечерва во 19.30 часот, со китење, редење на бајракот и фрлање пушка, а утре наутро во 9 часот ќе продолжат обичаите меѓу кои централен настан ќе биде венчавката во црквата „Св. Петар и Павле“.

Посетителите своите возила ќе може да ги остават на фудбалското игралиште близу Галичник, а потоа со организиран превоз со комбиња ќе бидат превезени до влезот на Галичник.

Со Галичката свадба ќе биде отворено и годинашното Галичко културно лето, во чии рамки се 24. Галичка книжевна колонија во организација на Здружението „Галикул“, на која ќе учествуваат домашни и странски писатели, како и 28. Галичка ликовна колонија на која гости ќе бидат осум уметници од Израел, Индија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Косово и од Бугарија.