Македонија Почина Кочо Битољану, последниот жив член на првата скопска Влада

Почина Кочо Битољану, последниот жив член на првата скопска Влада

Кочо Битољану (91), е една од македонските партизански легенди. Предвоен комунист, во Скопје, како тинејџер, на 18 го­ди­ни ја предводел диверзантската група што изврши атентат врз озлогласениот кодош и бугарски агент Мане Мачков во 1942 година.

Осуден е на 15 години затвор од бугарската окупаторска фашистичка власт, а на крајот на август 1944 година, десетина дена пред капитулацијата на Бугарија, избегал од затворот и заминал во партизани.

Бил член на илегалниот Народноослободителен одбор на Скопје, првата градска власт, и раководел со Градот до април 1945 година.

Во 60-тите години на минатиот век, Битољану бил и министер за внатрешни работи на Македонија, а до 1969 година бил и потпретседател на Собранието на Град Скопје.

За Кочо Битољану и за неговата сопруга Јелица е поврзан уште еден скопски куриозитет: се венчаа на 26 мај 1945 година и нивниот беше вториот граѓански брак склучен во слободно Скопје, кој само седум месеци пред тоа беше ослободен од фашистичката окупација.