Македонија По породувањето на жената, гинекологот ќе бара да се отвори боледувањето

По породувањето на жената, гинекологот ќе бара да се отвори боледувањето

Парнаџиева Змејкова најави дека во владина процедура се три варијанти за реализација за проектот

Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова, денеска рече дека ФЗОМ никогаш не размислувал, ниту предлагал надоместокот на плата да биде на товар на фирмите и истакна дека владиниот предлог за „побрза исплата на надоместоците“, мислејќи за породилно отсуство и за боледување, бил по барање на осигурениците.

– Мотивот на Фондот за сите проекти е да се подобри одредено право на осигурениците, во случајов правото на болниот и правото на мајката/таткото на породилното отсуство. Затоа, Фондот во новата владина програма зацрта догодишен проект за побрза исплата на надоместоците. Словенечкото искуство го земавме со големо внимание поради големото задоволство на осигурениците, а воедно дополнително го разработивме и прилагодивме на македонските услови. Примерот на Словенија е исплатата на надоместоците привремено да ги исплатува фирмата, а во краток рок ФЗО да ги надомести до фирмата во целост – рече таа.

Парнаџиева-Змејкова најави дека во владина процедура се три варијанти за реализација за проектот за побрза исплата на надоместоците и дека единствено нешто што го презема Фондот и што треба да почне да се реализира од 1 јануари наредната година е, покрај поднесокот за надоместокот на плата, кој може да го поднесе фирмата или осигуреникот, да овозможи отворањето породилно отсуство да го спроведе здравствена установа.

– Пластично објаснето тоа значи дека по породувањето, болницата или матичниот гинеколог ќе пријави по службена должност отворање на породилно отсуство, кое Фондот веднаш ќе го процесира и ќе почне со исплата, без други документи. Ова е единствената новина за која сакаме да ја информираме јавноста, а е во финална фаза на реализација – рече директорката на ФЗОМ.