Македонија По една година пауза, Галичката свадба годинава повторно собра посетители од целиот...

По една година пауза, Галичката свадба годинава повторно собра посетители од целиот свет

Извор на фотографија: Претседател на РСМ

По минатогодишната пауза предизвикана од ковид-19 пандемијата, годинава се одржа 47. издание на манифестацијата „Галичка свадба“. Гости од земјава и странство викендов дојдоа во живописниот Галичник за да ги проследат традиционалните обичаи и адети со автентични носии, изворни песни и ора, карактеристични за мијачкиот фолклор.

Претседателот Стево Пендаровски, заедно со сопругата, Елизабета Ѓоргиевска а присуствуваа на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, што се одржува под негово покровителство.

Честитајќи го склучувањето на бракот на годинашните младенци, Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник, претседателот Пендаровски и сопругата Ѓоргиевска им подарија „галичка пафта“ со мотив од галичка носија и им посакаа долговечен и хармоничен заеднички живот исполнет со многу љубов, здравје и среќа.

Манифестацијата „Галичка свадба“ со своето опстојување придонесува да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочуваат изворните песни, ора, и надалеку познатата галичка носија, изработена со филигрантска прецизност и точност на терзиите.

Oфицијалниот почеток на годинешната Галичка свадба беше означен вчера со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот, a свеченоста заврши денеска со испраќањето на тајфата Мајовци.