Економија По четири години, акционерите на Тутунска банка зеле дивиденда

По четири години, акционерите на Тутунска банка зеле дивиденда

Една од трите најголеми деловни банки, НЛБ Тутунска банка, ќе подели нето-дивиденда од 496 денари за една акција, што е првпат по четиригодишна пауза акционерите да добијат принос на своите вложувања во акции во банката, пишува „Фактор“.

Оваа веднаш ја крена цената на акцијата на 6.056 денари и тоа е највисока пазарна цена во изминативе 12 месеци тргување, иако е постигната само со една истргувана акција.

НЛБ Тутунска банка во својот неревидиран и неконсолидиран извештај објави дека има добивка за 2014 година во износ од 672,64 милиони денари, поголема за речиси 50 милиони денари од таа во 2013 година.

Лани банката ги зголемила нето-приходите од камати за 194 милиони денари на 2 милијарди денари. За 45 милиони денари во однос на 2013 година успеала да ги зголеми и нето-приходите од провизии и од надоместоци до ниво од 920,5 милиони денари.

Кредитните пласмани на коминтенти, со исклучок на банките, се зголемени за 3 милијарди денари во однос на 2013 година до износ од 38,4 милијарди денари, а депозитите на коминтентите пораснале за фантастични 5 милијарди денари до ниво од 52 милијарди денари.