Луфтханза по една деценија повторно ќе лета до Скопје

Фото: Roland Arhelger Creative Commons Attribution-Share Alike 4.0

Германската авиокомпанија Луфтханза, една од најголемите компании во бизнисот во европски и во светски рамки, кон крајот на април следната година повторно ќе лета до Скопје, соопшти компанијата на својот вебсајт.

Компанијата имаше летови до Скопје во минатото, но не лета на оваа дестинација повеќе од една деценија.

Луфтханза вчера го објави својот нов распоред за следното лето, којшто во однос на досега е збогатен за уште 5.200 летови до вкупно 205 дестинации.

Компанијата порачува дека со отпочнувањето на летови до Скопје ја засилува својата позиција во Источна Европа.

Според соопштението, од 23 април 2023 до Скопје ќе има до два лета дневно, од различни дестинации.

„Летовите LH1540 и LH1542 се така позиционирани што ќе бидат привлечни и за бизнисмените и за туристите“, порача компанијата.

Веста дојде во време кога нискобуџетната авиокомпанија Визер, која добива владини субвенции и учествува со голем дел во летовите до и од скопскиот меѓународен аеродром, пред неколку дена соопшти дека ги укинува летовите до Финска и до Торино, а ја укинува и линијата од Охрид до Фридрисхафен.