Македонија Пивоваров од Куманово: Овде како да се води војна, но граѓаните се...

Пивоваров од Куманово: Овде како да се води војна, но граѓаните се сплотени

Тројца загинати полицајци, жена и дете се последните информации од денешната полициска акција во Куманово, соопштил на прес-конференција кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски – Циц, јави „24 Вести“.

Како што рече Дамјановски, овие информации се неофицијални и истите ги добил „од новинари и од мештани“.

Состојбата во Куманово и понатаму е драматична, а полициската акција е сè уште во тек.

Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, кој живее во Куманово, вели дека состојбата во Куманово е како да се води војна.

– Утрово, околу 5 часот, беше страшно. Се слушаа рафали и детонации, а потоа ситуацијата се смири. По извесно време престрелките се интензивираа. Целиот дел над пазарчето што води кон Дива Населба е затворен од полицијата. Таму имаме стари лица, кои не можеме да ги извлечеме – вели Пивоваров.

Пукотниците, додава тој, повторно се интензивирале околу пладне.

– Прво се слушаа истрели на муниција со калибар 7,62 и 7,65 милиметри, но почнаа престрелки со оружје и со муниција со поголем калибар. Хеликоптери, од кои дел, претпоставувам, се и на Армијата и беспилотни летала, постојано го надлетуваат градот – вели Пивоваров.

Престрелките почнале на една локација во населбата, но по некое време се прошириле и на други делови од населбата, и едно време пукотници имало и во близина на пазарчето, но полицијата успеала да ги потисне.

Пивоваров вели дека дополнителна паника меѓу граѓаните во Куманово создало и тоа што „Тинекс“ ги затворил сите продавници во градот.

– Граѓаните на Куманово, обичните граѓани од сите етнички заедници, се огорчени од денешните случувања. Се прашуваат едни со други што се случува. Мислам дека сега се посплотени отколку кога било – вели за „Мета“ професорот Пивоваров.