Македонија Пендаровски: Потребно е да ги употребиме и да ги ангажираме сите потребни...

Пендаровски: Потребно е да ги употребиме и да ги ангажираме сите потребни ресурси и потенцијали во справувањето со дијабетесот

Фото: кабинет на претседателот Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето на 14 ноември – Светски ден на дијабетесот нагласи дека загрижува растот на заболени деца од дијабетес во земјава. Тој синоќа на настанот во организација на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК изрази загриженост бидејќи дијабетесот зазема сè поголеми размери и сè повеќе ги напаѓа децата и ја нагласи потребата за зголемување на свеста и актуализирањето на проблематиката не е доволно.

„Потребно е како општество да ги употребиме и да ги ангажираме сите потребни ресурси и потенцијали во справувањето и соочувањето со дијабетесот. Притоа, како и многу други состојби и болести, начелото на превенција е од суштинска важност. Зборувам за превенција која нема да биде стихијна, туку издржана и базирана врз стручна анализа на севкупната проблематика што ќе гарантира ефикасност и успех во борбата против дијабетесот“, истакна претседателот Пендаровски.

„На децата, освен одржувањето на гликемиската контрола, потребен им е и квалитетен начин на живеење, социјализираност, образование, но и примена на современи и иновативни терапии“, додаде претседателот.

„Императив за секое општество, меѓу другото, треба да бидат следењето и примената на сè што е технички напредно, сè што е иновативно, сè што во тој поглед им помага на луѓето во нормалното живеење и функционирање“, рече претседателот Пендаровски и додаде дека не смееме да доцниме зад светот, а особено да си дозволиме нашите деца да заостануваат во примената и во употребата на современи и иновативни терапии кои веќе се присутни во нашата земја, како и медицинско-технички системи како што се системите за континуирано следење на нивото на шеќер во крвта, што како можност им е понудено на децата во Европа, вклучително и во сите земји од регионот.

На настанот којшто се одржа во мултимедијалниот центар „Мала Станица“, свои обраќања имаа и министерот за здравство, Венко Филипче, раководителот на Одделот за еднокринологија при Универзитетската Клиника за Детски болести, Скопје, проф д-р Зоран Гучев, вонредниот професор на Факултетот за фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, доц. д-р Зорица Наумовска, претседателот на Сојузот на здруженијата на дијабетичари на Македонија, Диме Велев и Наташа Деспотовска Димитриевска, претседател на Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – Баланс МК. На одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот беше отворена изложба посветена на откривањето и развојот на инсулинот и помошните помагала за негово користење, а беше прикажан и едукативниот видео-материјал „Живот со дијабетес во училишна доба“.

Светскиот ден на дијабетесот којшто годинава е посветен на јубилејот – 100 години од пронаоѓањето на инсулинот како значаен механизам во борбата против дијабетесот, претставува континуитет на глобалните напори за подигнување на јавната свест и едуцирање на населението за неопходноста од натамошен институционален, но и индивидуален активизам во насока на унапредување на севкупните фактори за справување со ова заболување.