Македонија Пендаровски: Hашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот

Пендаровски: Hашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот

„На денешен ден, пред точно 130 години, шестмина млади луѓе ја основаа македонската револуционерна организација која успеа да ги обедини најхрабрите и најобразованите луѓе на своето време околу една заедничка цел – слободна македонска држава“, наведено е во честитката на Пендаровски за денешниот празник 23 Октомври

Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

Како што борбата на револуционерната генерација беше за слободна и праведна држава, така нашата борба денес мора да биде против корупцијата, непотизмот и криминалот што раѓаат недоверба, социјална неправда и масовно иселување на младите. Ова е наведено во честитката на претседателот Стево Пендаровски, кој преку неа упати честитка до граѓаните, по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

„Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот и напредок на секој нејзин граѓанин. На денешен ден, пред точно 130 години, шестмина млади луѓе ја основаа македонската револуционерна организација која успеа да ги обедини најхрабрите и најобразованите луѓе на своето време околу една заедничка цел – слободна македонска држава. Оваа млада и напредна генерација успеа да ја зацврсти вербата на македонскиот народ дека само со сопствени сили може да се избори за слобода и правда“, наведено е во честитката.

Во неа се додава дека иако поради соседните пропаганди, притисоци и аспирации нашата револуционерна борба имаше и успеси и падови, целта остана иста.

„Илинденското востание ја даде Крушевската Република, a, Народноослободителната и антифашистичка борба државотворниот АСНОМ. Нека ни е честит и вековит 23 Октомври“, пишува во честитката од претседателот.