Македонија Пендаровски-Азески: Во тимовите кои ќе го водат процесот на ЕУ-интеграција да биде...

Пендаровски-Азески: Во тимовите кои ќе го водат процесот на ЕУ-интеграција да биде вклучена и бизнис заедницата

Претседателот Стево Пендаровски денеска се сретна со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, потпретседателите и членовите на Управниот одбор на Комората.

Тој укажа дека во 35-те тима кои ќе го водат процесот на ЕУ интеграција мора да се вклучат и претставници од реалниот бизнис.

На средбата, Пендаровски најави дека при крајот на наредната недела ќе биде пополнето советничкото место за економски прашања во неговиот Кабинет, а за потпишувањето на укази на закони од оваа област, рече дека нема да дозволи само да ги потпишува, туку при подготовката на законските решенија ќе инсистира и на вклученост на бизнис заедницата.

Претседателот порача дека во дипломатско-конзуларните претставништва е потребен и добар персонален состав и тим што се разбира во реална економија.

„Во дипломатскиот кадар мора да праќаме поинакви профили, личности кои што се и економски едуцирани“, рече претседателот.

Пендаровски најави дека ќе оствари средби и со другите стопански комори.