Дописници ПДП и „Беса“ бараат демократизација на Македонија со една изборна единица

ПДП и „Беса“ бараат демократизација на Македонија со една изборна единица

Движењето „Беса“ и ПДП побараа големите политички партии да се заложат Македонија да биде една изборна единица со отворени листи. На тој начин, според нив, малите политички партии нема да добијат повеќе пратенички места, но од суштинска важност е дека со предложениот модел, македонското општество ќе се демократизира.

– Со сегашниот изборен модел, малите партии станаа заложници на големите, кои ги води една група па дури и еден човек. Со една изборна единица и со отворени листи, политичките одлуки ќе се носат побалансирано – вели Билал Касами, од движењето „Беса”.

Барањата на „Беса“ и ПДП беа упатени од тркалезната маса, насловена како „Дилемите за избирачкиот модел” која попладнево се организираше на Попова Шапка.

– Македонија со овој модел оди кон диктатура. Таа треба да се демократизира, а не да биде под влијание на две политички групи – изјави претседателот на ПДП, Неџат Беџети.

Од „Беса“ и ПДП сметаат дека новиот изборен модел не треба да има изборен праг. Се надеваат дека нивните сугестии и предлози ќе бидат прифатени за време на политичкиот дијалог кој го водат големите политички партии.