Свет Папата Франциск за Божиќ повика на правичност, трезвеност и на сочувство

Папата Франциск за Божиќ повика на правичност, трезвеност и на сочувство

Прославата на годинешното одбележување на Божиќ во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, папата Франциск ја посвети на барањето трезвеност и сочувство за помалку среќните.

Папата побара од сите, како што рече, „опиени“ од имоти и од површни работи да им се вратат на основните вредности на животот.

Тој рече дека Божиќ е време луѓето да откријат кои се.

„Во општество кое најчесто е затруено од консумеризам, хедонизам, богатство и од екстравагантност, детето Исус нè повикува да дејствуваме разумно, на начин кој е едноставен, доследен и кој овозможува да се види суштинското значење на работите“, изјави тој во својата проповед, при што ги повика верниците на трезвеност и на чувство за правдина во „општеството полно со нарцизам“.

Пред околу 10.000 верници, папата рече дека во светот кој понекогаш е груб спрема грешникот, а мек спрема гревот, неопходно е да се негува чувството на правичност.

Безбедносните мерки во Ватикан вообичаено се зголемени за време на божиќните празници и сите верници што сакаа да влезат во црквата, мораа да минат низ детектори за метал.