Свет Папата Франциск ги дијагностицира болестите на Римската курија

Папата Франциск ги дијагностицира болестите на Римската курија

Папата Франциск денеска, во своето традиционално обраќање пред ватиканската администрација, издвоил 15 „болести“ од кои црквата и високото свештенство, а особено членовите на Римската курија, мораат да се чуваат, осудувајќи ја склоноста кон површност, ривалство, кариеризам, озборување, клевета и неслога, пренесуваат светските медиуми.

Меѓу болестите од кои страда куријата, папата Франциск ги набројал чувството на бесмртност, духовен Алцхајмер, егзистенцијалната шизофренија, каменото срце, лажниот нарцизам, секуларниот егзибиционизам, ривалството за слава, смртната сериозност и тероризмот на озборувањето.

Куријата е административен апарат на Светиот стол и негово централно управно тело со помош на кое папата ја води Католичката црква.

Светските агенции наведуваат дека папата Франциск во своето традиционлано обраќање на свештениците од куријата во Клементинската сала на Апостолската палата, бил невообичаено остар и дека по завршувањето на говорот добил ладен аплауз.

На почетокот на говорот тој им оддал почест на сите оние „невидливи“ лица кои овозможуваат Ватикан секојдневно да функционира.

Откако накратко им се заблагодарил на кардиналите и на бискупите за работите извршени во текот на годината, папата оценил дека, како и меѓу сите луѓе, и во куријата има „неверба“ кон Евангелието и дека ѝ се закануваат болести кои треба да се лекуваат.

– Убаво би било да се замисли Римската курија како модел на црква, тело кое е со секој нов ден сè поединствено и складно, сложено тело со многу различни елементи кои немаат иста функција, но се усогласени во својата работа и покрај меѓусебните разлики – нагласил папата Франциск.

„Но, пред да се лекува, треба да се биде свесен за болеста“, рекол папата, повикувајќи ги бискупите и кардиналите да дозволат да бидат вдахнати од Светиот Дух и да не се потпираат само на своите интелектуални и организациски способности.

„Свештениците се како авиони. Единствени се кога паѓаат“, рекол папата.

Франциск по изборот за папа во 2013 година почна длабоки реформи на куријата, која се бори со бројни внатрешни спротиставености. Крајот на понтификатот на Бенедикт Шеснаесетти во куријата откри низа интриги, склоности кон кариеризам и сплеткарење зад грбот на папата.