Свет Папата Франциск: Да се открие вистината за граѓанската војна во Шри Ланка

Папата Франциск: Да се открие вистината за граѓанската војна во Шри Ланка

Папата Франциск ги повика властите во Шри Ланка да ја откријат вистината за тоа што се случило во крвавата граѓанска војна, истакнувајќи дека тоа би бил дел од процесот на помирување меѓу тамошните верски заедници.

Веднаш по слетувањето во Коломбо, Франциск „дал материјал“ за Комисијата за вистина, која би требало да истражи што се случувало за време на 26-годишната граѓанска војна (1983-2009), што беше дел од изборните ветувања на новата влада, која стапи на должност пред пет дена.

– Во процесот на закрепнување треба да се вклучи и вистината, не заради отворање стари рани, туку за промовирање правда и единство – рече папата.

Шри Ланка сè уште закрепнува од граѓанската војна меѓу сингалешкото мнозинство и тамилското малцинство, во која загинаа илјадници лица. Војната заврши со страшен пораз на Тамилите. Само во западната офанзива на владините сили загинаа 40.000 цивили, проценија ОН во 2011 година.