Македонија Осудените во „Агент“ : Нашиот случај е криминално-политичка конструкција

Осудените во „Агент“ : Нашиот случај е криминално-политичка конструкција

Во соопштение за јавноста, Слободан Богоевски, Владо Пешликовски и Васко Томановиќ, кои неодамна беа осудени на затворски казни во случајот „Агент“, а чии пресуди беа потврдени од Апелацискиот суд, тврдат дека целиот случај е со криминално-политичка заднина, конструиран од власта.

– По налог на „фамилијата“ која владее со извршната, законодавната и со судската власт во Македонија, Јован Илиевски почна постапка за гонење на организиран криминал кој, наводно, сме го сториле ние, иако знаел дека не постои ниеден факт и доказ за тоа. Противправно бевме лишени од слобода и притворени цели осум месеци, без основа и без какви било причини кои го оправдуваат тоа, со голо наведување дека има право обвинителот да побара, а истражниот судија да определи притвор, во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка – стои во соопштението.

На крајот на дописот, како одговор на реторичко прашање околу тоа зошто е конструиран целиот случај, стои: „Одговорот лежи во парите. За да се дограбат до 30 милиони евра од буџетот на Република Македонија, во име на анонимна, офшор-фирма од Кипар, сопственост на бизнис-партнерот на фамилијата, Димитрис Кондоминас, власта го конструираше овој случај“.

Поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање, Слободан Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на „Меркатор“, Митја Валич, беа осудени на казна затвор од две години, а на затворски казни од три години, за финансиски малверзации е осуден адвокатот Васко Томановиќ.

Тие се товареа дека преку фиктивни договори и фиктивни фирми-ќерки на кипарски „Централ балкан инвестмент“ и на словенечки „Меркатор“ переле пари.