Економија Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 отсто, велат од Народна...

Основната каматна стапка останува на ниво од 1,25 отсто, велат од Народна банка

Фото: Архива на Мета.мк

На редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка беше оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25 отсто, со што монетарната политика го задржа олабавениот карактер.

„Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата,“ се вели во соопштението.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9 отсто на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 и негово негативно влијание врз динамиката на економското закрепнување.

„Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековните расположливи високофреквентни податоци за периодот април – мај упатуваат на висок годишен раст на економската активност во вториот квартал, пред сѐ заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година, а делумно и поради стабилизирањето на епидемиолошката состојба и започнатата имунизација во земјата. Имено, податоците за овој период покажуваат високи годишни стапки на раст кај индустриското производство, прометот во вкупната трговија и угостителството,“ се додава во соопштението.

Во однос на инфлациските движења, просечниот годишен раст на потрошувачките цени во првото полугодие на 2021 година изнесува 2,4 отсто и е блиску до очекувањата од априлскиот циклус проекции на Народната банка.

„Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Притоа, и натаму е нагласена неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа,“ велат од Народна банка.