Подглавна секција Основачот на Телеграм Павел Дуров уапсен во Франција

Основачот на Телеграм Павел Дуров уапсен во Франција

Во Франција има налог за неговото апсење поради недоволната модерација на популарната апликација за пораки, која често се користи за криминални цели

Фото: TechCrunch, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Павел Дуров, основачот и извршниот директор на популарната апликација за праќање пораки Телеграм, е приведен во Франција, информираат француските медиуми, а пренесува „Дојче веле“.

Дуров бил уапсен на аеродром во близина на Париз. Тој патувал од Азербејџан.

Милијардерот, кој е роден во Русија, но има двојно државјанство од Франција и Обединетите Арапски Емирати, живее во Дубаи. Тој претходно ја создаде руската социјална мрежа ВКонтакте.

Има налог за апсење на Дуров во Франција поради незадоволителното ниво на модерација на содржини на неговата апликација. Имено, Телеграм е позната по тоа што нема речиси никакви ограничување во тоа какви објави може да се објават. Дополнително, таа ги штити податоците на корисниците. Но, токму тие карактеристики ја прават да биде погодна платформа за извршување на секакви криминални трансакции и активности, вклучувајќи трговија со дрога, споделување на детска порнографија, организирање терористички активности и друго.

Дуров наводно извесно време избегнувал да патува во Европа поради страв од апсење. Телеграм претходно беше забранета во Русија во 2018 година, откако компанијата одби да предаде кориснички податоци на руската влада. Апликацијата беше повторно ставена во употреба во 2021 година. Од руската инвазија на Украина, таа е станата популарна платформа за руските сејачи на дезинформации.

Претставник на руското министерство за надворешни работи, во објава на Телеграм, го коментираше случајот. Праша дали западните невладини организации ќе зборуваат за неправдата на апсењето на Дуров, како што зборуваа за неправдата од руската страна кога таа ја забранила апликацијата во 2018 година.

Сопственикот на Х (поранешно Твитер) Илон Маск, кој самиот бил критикуван за несоодветна модерација на својата платформа, изрази поддршка за Дуров.